1. секое лице треба да има можност да заработува за живот преку слободно избрана работа;
2. сите работници имаат право на еднакви услови за работа;
3. сите работници имаат право на заштита при работата;
4. сите работници имаат право на правична заработувачка што им обезбедува ним и на нивните семејства, задоволувачки животен стандард;
5. сите работници и работодавачи имаат право на слободно здружување во национални и меѓународни рамки заради заштита на своите економски и социјални интереси;
6. сите работници и работодавачи имаат право на колективно договарање;
7. децата и младинците имаат право на посебна заштита од физички и морални опасности на кои се изложени;
8. работничките-мајки, како и другите работнички, во соодветни случаи, имаат право на посебна заштита при нивната работа;
9. секое лице има право на соодветни услови заради професионална ориентација, со цел да му се помогне во изборот на професија според неговите професионални способности и неговите интереси;
10. секое лице има право на соодветни услови за професионална ориентација;
11. секое лице има право да ги користи сите средства кои му овозможуваат да го сочува своето здравје во најдобра состојба;
12. сите работници и лицата кои тие ги издржуваат имаат право на социјално осигурување;
13. секое лице кое нема доволно средства за живот има право на социјална и здравствена помош;
14. секое лице има право да ги користи услугите на службите за социјални грижи;
15. секое инвалидизирано лице има право на професионално образование и на професионално и социјално оспособување без оглед на причината и природата на неговиот инвалидитет;
16. семејството, како основна клетка на општеството, има право на социјална, правна и економска заштита која му обезбедува целосен развој;
17. мајката и детето, независно од брачната состојба и од односите во семејството, имаат право на соодветна социјална и економска заштита;
18. државјаните на една од Страните-договорнички имаат право, на територијата на друга Страна-договорничка, да вршат доходовни дејности на рамноправна основа со државјаните на последната, со ограничувања засновани на сериозни причини од економски или социјален карактер;
19. работниците мигранти државјани на една од Страните-договорнички и нивните семејства имаат право на заштита и помош на територијата на секоја друга Страна-договорничка.
ДЕЛ II
Страните договорнички ги прифаќаат, како што е предвидено во дел ИИИ, обврските што произлегуваат од долунаведените членови и ставови:
Член 1
Право на работа
Со цел да се обезбеди вистинска примена на правото на работа, Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да го признаат како една од нивните главни цели и одговорности остварувањето и зачувувањето на највисоко и најстабилно можно ниво на работа заради остварување на целосна вработеност;
2. на ефикасен начин да го заштитуваат правото на работниците да заработуваат за живот преку слободно избрана работа;
3. да формираат и да одржуваат бесплатни служби за вработување за сите работници;
4. да обезбедуваат или да унапредуваат соодветна професионална ориентација, стручно образование и преквалификација.
Член 2
Право на еднакви услови за работа
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на еднакви услови за работа, Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да утврдат разумна должина на дневното и неделното работно време, со тоа што работната недела ќе биде постепено смалувана онолку колку што зголемувањето на продуктивноста и другите фактори тоа го овозможуваат;
2. да предвидат платени неработни денови;
3. да обезбедат одобрување на платен годишен одмор во траење од најмалку две недели;
4. да им обезбедат на работниците вработени на определени опасни или штетни по здравјето работни места или скратено работно време или дополнителен платен одмор;
5. да обезбедат неделен одмор кој ќе се совпаѓа што е можно повеќе со денот во неделата прифатен како ден за одмор според традицијата или навиките во земјата или регионот.
Член 3
Право на заштита при работа
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на заштита при работа, Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да донесат прописи за безбедност и заштита при работа;
2. да донесат мерки за контрола на примената на тие прописи;
3. да ги консултираат, кога има потреба, организациите на работодавачите и на работниците за мерките чија цел е подобрување на безбедноста и заштитата при работа.
Член 4
Право на правична заработувачка
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на правична заработувачка, Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да им го признаат правото на работниците на заработувачка доволна за да им обезбеди, ним, како и на нивните семејства, пристоен животен стандард;
2. да им го признаат на работниците правото на зголемена заработувачка за прекувремена работа, со исклучок на некои посебни случаи;
3. да им го признаат на работниците мажи и жени правото на еднаква заработувачка за еднаква работа;
4. да им го признаат правото на сите работници на разумен отказен рок во случај на прекин на работниот однос;
5. да дозволат одбитоци од платите само под услови и во рамките пропишани со внатрешни законски или други прописи, или утврдени со колективните договори или арбитражните одлуки.
Примената на овие права мора да биде обезбедена или со слободно склучени колективни договори или со законски методи за утврдување на платите, или на друг начин кој е во согласнсот со домашните услови.
Член 5
Синдикални права
Со цел да ја гарантираат или да ја унапредат слободата на работниците и работодавачите да формираат локални, национални или меѓународни организации за заштита на нивните економски и социјални интереси и да се зачленат во овие организации, Страните-договорнички се обврзуваат, со внатрешното законодавство да не ја повредуваат оваа слобода, ниту да го применуваат на начин според кој истата се повредува. Нивото на кое гаранциите предвидени во овој член ќе се применуваат во полицијата ќе биде утврдено според внатрешните законски или други прописи. Принципот на примена на овие граници за припадниците на оружените сили и степенот на кој тие ќе се применуваат за оваа категорија лица, исто така, се утврдени со внатершните законски или други прописи.
Член 6
Право на колективно преговарање
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на колективно преговарање, Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да ги поттикнуваат паритетните консултации меѓу работниците и работодавачите;
2. да го унапредуваат, кога е тоа потребно и корисно, механизмот на слободни преговори меѓу работодавачите, од една страна, и организациите на работниците, од друга страна, со цел со колективни договори да се уредат условите за работа;
3. да ги поттикнуваат воведувањето и примената на соодветни механизми, за доброволно мирење и арбитража при решавањето на работните спорови;
и им го признаваат:
4. правото на работниците и работодавачите на заеднички акции во случај на судири на интересите, вклучувајќи го и правото на штрајк, со резерва на обврските што би можеле да произлезат од важечките колективни договори.
Член 7
Право на децата и младинците на заштита
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на децата и на младинците на заштита, Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да ја утврдат на 15 години минималната возраст за вработување, со тоа што исклучоци, сепак, се дозволени за деца вработени на определени лесни работи без ризик по нивното здравје, нивниот морал и нивното школување;
2. да утврдат повисока минимална возраст за вработување на одделни утврдени работни места кои се сметаат како опасни и нездрави;
3. да забранат децата, кои се уште подлежат на задолжително образование, да бидат вработувани на работи коишто им оневозможуваат стекнување на целосно образование;
4. да ја ограничат должината на работата на работниците помлади од 16 години со цел таа да одговара на барањата на нивниот развој и особено на потребите на нивно професионално образование;
5. да го признаат правото на младите работници и ученици во стопанството на правична заработувачка или на соодветен надоместок;
6. да предвидат, часовите што младинците ги користат за професионално образование во текот на редовната работа во согласност со работодавачите, да бидат сметани како составен дел на работниот ден;
7. да утврдат минимум од три недели за платен годишен одмор на работниците помлади од 18 години;
8. да забранат вработување на работници помлади од 18 години на ноќна работа, со исклучок на некои работни места утврдени со внатрешните законски или други прописи;
9. да предвидат, работниците помлади од 18 години, вработени на некои работни места, определени со внатершните законски или други прописи, да бидат задолжени на редовна лекарска контрола;
10. да обезбедат посебна заштита од физички и морални опасности на кои се изложени децата и младинците и особено од оние кои се непосредна или посредна последица на нивната работа.
Член 8
Право на работничките на заштита
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на работничките на заштита, Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да им обезбедат на жените, пред и по породувањето, одмор во вкупно траење од најмалку 12 недели, било како платен одмор, било со соодветна помош од социјалното осигурување или од јавни фондови;
2. да го сметаат за нелегално отпуштањето на жена од страна на работодавач за време на нејзиното породилно отсуство или така што отказниот рок би истекол за време на тоа отсуство;
3. да им обезбедат на мајките кои ги дојат своите деца доволни паузи наменети за таа цел;
4. а) да го пропишат вработувањето на женската работна рака за ноќни работни места во индустријата;
б) да забранат секое вработување на женска работна рака на подземни работи во рудници, а ако е потребно, на сите работи што не одговараат на оваа работна рака затоа што се опасни, нездрави или претешки.
Член 9
Право на професионална ориентација
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на професионална ориентација, Страните-договорнички се обврзуваат да формираат или да усовршат, доколку за тоа има потреба, служба која ќе им помага на сите лица, вклучувајќи ги и хендикепираните во решавањето на проблемите што се однесуваат на изборот на професија или на професионално усовршување, водејќи сметка за способностите на заинтересираниот и односот меѓу нив и можностите на пазарот на трудот; оваа помош треба да биде бесплатна, како за младите, вклучувајќи ги и децата од школска возраст, така и за возрасните.
Член 10
Право на професионално образование
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на професионално образование, Страните договорнички се обврзуваат:
1. да обезбедат или да го поттикнуваат, во случај на потреба, стручното и професионалното образование на сите лица, вклучувајќи ги и хендикепираните, во консултации со професионалните организации на работодавачите и работниците и да им обезбедат средства што ќе овозможат пристап на техничко и универзитетско образование, почитувајќи го единствениот критериум за лична способност;
2. да обезбедат или да поттикнуваат систем за оквалификување или други системи за усовршување на младите момчиња и девојки, на нивните разновидни струки;
3. да обезбедат или, доколку за тоа има потреба, да поттикнуваат:
а) соодветни лесно достапни услови за образование на возрасните работници;
б) специјални услови за професионална преквалификација на возрасните работници, што ги налагаат техничкиот развој или новите движења на пазарот на трудот;
4. да го поттикнуваат целосното користење на средствата предвидени со соодветни мерки, како што се:
а) намалување или укинување на сите даноци и давачки;
б) давање финансиска помош во одделни случаи;
в) вклучување во редовните работни часови на времето поминато на дополнителна обука која работникот, на барање на работодавачот, ја имал во текот на работата;
г) обезбедување, по пат на соодветна контрола, а во консултација со професионалните организации на работодавачите и на работниците, на ефикасен систем на обука и на секој друг систем на образование на младите работници и, воопшто, соодветна заштита на младите работници.
Член 11
Право на здравствена заштита
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на здравствена заштита, Страните-договорнички се обврзуваат, директно, или во соработка со јавните и приватните организации, да преземат соодветни мерки кои имаат за цел особено:
1. да се елиминираат, во рамките на можното, причините за слабото здравје;
2. да се предвиди формирање на служби за консултации и образование заради подобрување на здравјето и развој на чувството за лична одговорност во врска со здравствената состојба;
3. да се спречат, во рамките на можното, епидемии, ендемии и други болести.
Член 12
Право на социјално осигурување
Со цел да се обезбеди вистинска примена на правото на социјално осигурување Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да воспостават или да одржуваат систем на социјално осигурување;
2. да го одржуваат системот на социјално осигурување на задоволително ниво, најмалку на ниво потребно за ратификација на Меѓународната конвенција на трудот (бр. 102) за минималните стандарди на социјалното осигурување;
3. да настојуваат, системот на социјално осигурување постепено да се подига на повисоко ниво;
4. да преземаат мерки, преку склучување на соодветни билатерални или мултилатерални договори или на друг начин, и под услови предвидени во тие договори, за да се обезбеди:
а) еднаков третман меѓу граѓаните на секоја од Страните-договорнички и државјаните на другите страни во однос на правата на социјално осигурување, вклучувајќи ги и бенифициите што произлегуваат од законите за социјално осигурување, без оглед на тоа на која територија на страните договорнички престојуваат социјално осигурените лица;
б) давање, зачувување или повторно воспоставување на правото на социјално осигурување со средства како што е собирање на периодите на осигурување или вработеност согласно прописите на секоја од Страните-договорнички.
Член 13
Право на социјална и здравствена помош
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на социјална и здравствена помош, Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да се грижат, лице, кое не располага со доволни извори на приходи и кое не е способно само да ги обезбеди тие приходи или да ги добие од друг извор, како што е помош во рамките на системот на социјално осигурување, да може да добие соодветна пмош, а во случај на болест, неопходна нега во зависност од неговата здравствена состојба;
2. да се грижат, на лицата кои користат таква помош од таа причина, да не им бидат намалени политичките и социјалните права;
3. да предвидат дека секое лице може да ги добие, преку надлежните јавни или приватни служби, сите потребни совети и сета лична помош за да се спречи, отстрани или да се намали личната или семејната потреба за помош;
4. да ги применуваат одредбите од став 1, 2 и 3 од овој член, на рамноправна основа, на своите државјани, како и на државјаните на другите Страни-договорнички кои легално се наоѓаат на нивната територија, согласно обврските преземени со Европската конвенција за социјална и здравствена помош, потпишана во Париз на 11 декември 1953 година.
Член 14
Право на помош од службите за социјални грижи
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на помош од службите за социјални грижи, Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да поттикнуваат формирање или да формираат служби кои ќе користат методи својствени на социјалната работа и кои ќе придонесуваат за благосостојбата и развојот на поединците и групите во заедницата, како и за нивно прилагодување кон општествената средина;
2. да го поттикнуваат учеството на поединци и на доброволни или други организации во формирањето или поддршката на тие служби.
Член 15
Право на професионално образование и на професионална и социјална
рехабилитација на физички или ментално заостанати лица
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на професионално образование и професионална и социјална рехабилитација на физички или ментално заостанатите лица, Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да преземат соодветни мерки за да им се стават на располагање на заинтересираните средства за професионално образование, вклучувајќи, ако за тоа има потреба, и специјални институции од јавен или приватен карактер;
2. да преземат соодветни мерки за вработување на физички заостанатите лица, особено со помош на специјализирани служби за вработување, преку користење на можностите на заштитните работилници и мерки со кои се поттикнуваат работодавачите да вработуваат физички заостанати лица.
Член 16
Право на семејството на социјална, правна и материјална заштита
Со цел да се создадат животни услови неопходни за целосен развој на семејството, како основна клетка на општеството, Страните-договорнички се обврзуваат да ја унапредуваат материјалната, правната и социјалната заштита на семејниот живот, особено преку социјални и семејни додатоци, фискални мерки, поттикнување на изградбата на станови соодветни на потребите на семејствата, помош на млади семејства и други соодветни мерки.
Член 17
Право на мајката и на детето на социјална и материјална заштита
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на мајката и на детето на социјална и материјална заштита, Страните-договорнички ќе ги преземат сите потребни и соодветни на таа цел мерки, вклучувајќи го и формирањето и поддршката на соодветни институции или служби.
Член 18
Право на вршење доходовна дејност на територијата на другите Страни-договорнички
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на вршење доходовна дејност на територијата на секоја друга Страна-договорничка, Страните договорнички се обврзуваат:
1. полиберално да ги применуваат постојните прописи;
2. да ги поедностават важечките формалности и да ги намалат или укинат административните и другите давачки што ги плаќаат странските работници или нивните работодавачи;
3. да ги либерализираат, поединечно или колективно, прописите со кои се регулира вработувањето на странските работници;
и го признаваат:
4. правото на нивните државјани да ја напуштат земјата за да вршат доходовна дејност на територијата на другите Страни-договорнички.
Член 19
Право на работниците мигранти и на нивните семејства на заштита и помош
Со цел да обезбедат вистинска примена на правото на работниците мигранти и на нивните семејства на заштита и помош на територијата на секоја друга Страна-договорничка, Страните-договорнички се обврзуваат:
1. да утврдат дека постојат соодветни бесплатни служби задолжени да им помагаат на тие работници и особено да им доставуваат точни информации и да ги преземаат сите потребни мерки, колку што тоа го дозволуваат внатрешните законски и други прописи, против секоја лажна пропаганда во врска со емиграцијата и имиграцијата;
2. во рамките на својата територијална надлежност, да донесат соодветни мерки за да се олесни заминувањето, патувањето и прифаќањето на тие работници и нивните семејства и да им обезбедат, во рамките на својата територијална надлежност, за време на патувањето, потребна медицинска и здравстена служба како и добри хигиенски услови;
3. да ја унапредуваат соработката, според случајот, меѓу јавните или приватните социјални служби на земјите на емиграцијата и на земјите на имиграцијата;
4. да им гарантираат на работниците кои легално се наоѓаат на нивната територија, доколку оваа материја е регулирана со законски и други прописи, или е во надлежност на управните власти, не полош третман од оној на нивните граѓани во однос на следните прашања:
а) заработувачка и други услови за вработување и работа;
б) членување во синдикалните организации и уживање на погодностите предвидени со колективните договори;
в) сместување;
5. да им обезбедат на оние работници, кои легално се наоѓаат на нивната територија, не полош третман од оној на нивните граѓани во однос на даноците, таксите и придонесите во врска со трудот што ги плаќа работникот;
6. да го олеснат, колку е тоа можно, спојувањето на семејството на работникот мигрант на кој му е дозволено да престојува на таа територија;
7. да им обезбедат на оние работници кои легално се наоѓаат на нивната територија не полош третман пред судовите од оној на нивните граѓани за прашања наведени во овој член;
8. да им гарантираат на работниците кои легално престојуваат на нивната територија дека може да бидат протерани само ако ја загрозат безбедноста на државата или ако го повредат јавниот поредок или обичаите.
9. да им дозволат на работниците мигранти, во рамките утврдени со закон, трансфер на онолку заработувачка и заштеди колку што тие сакаат да префрлат;
10. да ги прошират заштитата и помошта предвидени со овој член на работниците мигранти кои работат за своја сметка, доколку овие мерки можат да се применат на наведенаа категорија.
ДЕЛ III
Член 20
О б в р с к и
1. Секоја од Страните-договорнички се обврзува:
а) да го прифати делот I од оваа Поделба како изјава во која се утврдуваат целите што таа ќе ги остварува со сите средства согласно со одредбите од воведниот став на споменатиот дел:
б) да прифати најмалку пет од следните седум членови од делот II од Повелбата: 1,5,6,12,13,16 и 19;
в) да прифати дополнителен број членови или ставови наброени во делот II од Повелбата што таа ќе ги избере, со тоа што вкупниот број на наброените членови и ставови што ги прифатила да не биде помал од 10 членови или 45 ставови.
2. Членовите или ставовите избрани согласно одредбите од алинеите б) и в) од ставот 1 на овој член, Страната-договорничка ќе ги нотифицира до Генералниот секретар на Советот на Европа во моментот на депонирањето на својот инструмент за ратификација или одобрување.
3. Секоја од Страните-договорнички може, во секој момент потоа, да изјави, со нотификација упатена до Генералниот секретар, дека го прифаќа секој друг наброен член или став од делот II од Повелбата, а што се уште не го прифатила согласно одредбите од став 1 од овој член. Овие дополнителни обврски ќе бидат сметани како составен дел на ратификацијата или одобрувањето и ќе имаат исти ефекти од моментот на истекот на триесетиот ден сметано од денот на нотификацијата.
4. Генералниот секретар ќе ги извести сите држави потписнички и Генералниот директор на Меѓународното биро на трудот за секоја нотификација што ја примил согласно овој дел од Повелбата.
5. Секоја Страна-договорничка ќе располага со систем на инспекција на трудот соодветен на нејзините внатрешни услови.
ДЕЛ IV
Член 21
Извештаи за прифатените одредби
Страните-договорнички секоја втора година ќе му поднесуваат на Генералниот секретар на Советот на Европа, во форма определена од Советот на министрите, извештај за примената на одредбите од дел II од Повелбата што ги прифатиле.
Член 22
Извештаи за одредбите што не се прифатени
Страните-договорнички ќе му поднесуваат на Генералниот секретар на Советот на Европа, во определени интервали и на барање на Советот на министрите, извештаи за одредбите од делот II од Повелбата што тие не ги прифатиле во моментот на ратификацијата или одобрувањето, ниту со дополнителна нотификација. Советот на министрите ќе утврди, во определени интервали, за кои одредби ќе бидат барани овие извештаи и која ќе биде нивната форма.
Член 23
Доставување на копии
1. Секоја од Страните-договорнички ќе доставува копии од извештаите предвидени во членовите 21 и 22 до националните организации кои се членки на меѓународните организации на работодавачите и работниците што ќе бидат повикани, согласно член 27 став 2, да испратат свои претставници во поткомитетот на Социјалниот владин комитет.
2. Страните-договорнички ќе му ги достават на Генералниот секретар сите забелешки на споменатите извештаи добиени од овие национални организации доколку тие тоа го побараат.
Член 24
Разгледување на извештаите
Извештаите доставени до Генералниот секретар согласно членовите 21 и 22 ќе бидат разгледани од Комитет на експерти кој, исто така, ќе располага со сите забелешки доставени до Генералниот секретар согласно став 2 од членот 23.
Член 25
Комитет на експерти
1. Комитетот на експерти ќе биде составен од најмногу седум членови што ќе ги определи Советот на министрите од списокот на независни експерти со највисок интегритет и призната стручност во социјалната област на меѓународен план, што ќе ги предложат Страните договорнички.
2. Членовите на Комитетот ќе бидат именувани за период од шест години. Нивниот мандат ќе може да се обнови. Сепак, мандатите на двајца од ченовите определени при првото именување ќе истечат по завршувањето на период од четири години.
3. Членовите чиј мандат ќе заврши по истекот на првичниот период од четири години ќе бидат определени со ждрепка од страна на Советот на министрите веднаш по првото именување.
4. Член на Комитетот на експерти именуван да замени член чиј мандат не е истечен го довршува мандатот на својот претходник.
Член 26
Учество на Меѓународната организација на трудот
Меѓународната организација на трудот ќе биде поканета да определи еден претставник во советодавно својство, да учествува во донесувањето одлуки на Комитетот на експерти.
Член 27
Поткомитет на Социјалниот владин комитет
1. Извештаите на Страните договорнички како и заклучоците на Комитетот на експерти ќе му бидат ставени на разгледување на еден поткомитет на Социјалниот владин комитет на Советот на Европа.
2. Овој поткомитет ќе биде составен од по еден претставник на секоја Страна-договорничка. Тој ќе повика најмногу две меѓународни организации на работодавачи и две меѓународни организации на работници да испратат посматрачи, во советодавно својство, на неговите состаноци. Тој, исто така, ќе може да повика на консултации најмногу два претставника на меѓународни невладини организации кои имаат советодавен статус во Советот на Европа, за прашања за кои тие се посебно квалификувани, како на пример, социјална благосостојба и материјалната и социјалната заштита на семејството.
3. Поткомитетот ќе му поднесе на Советот на министрите извештај со свои заклучоци заедно со извештајот на Комитетот на експерти.
Член 28
Советодавно собрание
Генералниот секретар на Советот на Европа ќе му ги достави на Советодавното собрание заклучоците на Комитетот на експерти. Советодавното собрание ќе му го достави на Советот на министрите своето мислење за овие заклучоци.
Член 29
Совет на министрите
Советот на министрите, со двотретинско мнозинство од членовите кои имаат право да заседаваат, врз основа на извештајот на поткомитетот и откако ќе го консултира Советодавното собрание, може да упати потребни препораки на секоја од Страните-договорнички.
ДЕЛ V
Член 30
Укинување на обврските во случај на војна или јавна опасност
1. Во случај на војна или во случај на друга јавна опасност која го загрозува опстанокот на нацијата, секоја Страна-договорничка може да преземе мерки со кои се укинуваат обврските предвидени во оваа Повелба, само во случаите кога тоа го бара ситуацијата и под услов тие мерки да не бидат во спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право.
2. Секоја Страна договорничка која го искористила правото на укинување на обврските, го информира Генералниот секретар на Советот на Европа за сите мерки што ги презела и за причините што ја натерале на тоа. Таа е должна, исто така, да го извести Генералниот секретар за датумот на кој овие мерки престанале да важат и на кој одредбите од Повелбата што ги прифатила стапуваат повторно на сила.
3. Генералниот секретар ќе ги информира другите Страни-договорнички и Генералниот директор на Меѓународното биро на трудот за сите известувања примени согласно став 2 од овој член .
Член 31
Ограничувања
1. По прифаќањето на правата и принципите утврдени во дел I и нивното ефикасно спроведување така како што е предвидено во дел II , тие не можат да бидат предмет на ограничувања што не се предвидени во деловите I и II со исклучок на оние предвидени со закон и оние што се неопходни во едно демократско општество, со цел да се гаранира почитување на правата и слободите на другите или да заштитат јавниот поредок, националната безбедност, јавното здравје и добрите обичаи.
2. Ограничувањата во однос на правата и обврските признати со Повелбата, можат да бидат применети само за цели за кои се предвидени.
Член 32
Односи меѓу Повелбата и внатршеното право
или меѓународните договори
Одредбите од оваа Повелба не се спротивни на одредбите од внатрешното право и билатералните или мултилатералните спогодби, конвенции или договори кои што се или ќе стапат во сила, а кои што би биле поповолни за заштитените лица.
Член 33
Спроведување врз основа на колективните договори
1. Во државите членки во кои одредбите од ставовите 1,2,3,4 и 5 од член 2, ставовите 4,6 и 7 од член 7 и ставовите, 1,2,3 и 4 од членот 10 од дел II на оваа Повелба, нормално произлегуваат од склучените договори меѓу работодавачите или организациите на работодавачите и организациите на работниците или се реализираат на друг начин, а не по законски пат, Страните-договорнички можат да преземат одделни обврски, а ќе се смета дека тие се исполнети откако споменатите одредби со помош на тие договори или со други средства бидат применети на поголемото мнозинство заинтересирани работници.
2. Во државите членки во кои овие одредби нормално произлегуваат од законодавството, Страните-договорнички можат, исто така, да преземат одделни обврски, а ќе се смета дека тие се исполенти ако овие одредби со закон бидат применети на поголемото мнозинство заинтересирани работници.
Член 34
Територијална примена
1. Оваа Повелба се применува на матичната територија на секоја Страна-договорничка. Секоја влада потписничка може, во моментот на потпишувањето или во моментот на депонирањето на нејзиниот инструмент за ратификација или одобрување, со изјава доставена до Генералниот секретар на Советот на Европа, да ја прецизира територијата што за таа цел се смета за нејзина матична територија.
2. Секоја Страна-договорничка, во моментот на ратификацијата или одобрувањето на оваа Повелба или во секој момент потоа, со нотификација упатена до Генералниот секретар на Советот на Европа, може да изјави дека Повелбата, во целина или делумно, ќе се применува на онаа или оние нематични територии утврдени во споменатата изјава за кои таа ги обезбедува меѓународните односи или има меѓународна одговорност. Таа ќе ги наведе во споменатата изјава членовите и ставовите од делот II на Повелбата што ги прифаќа како задолжителни за секоја од териториите наведени во изјавата.
3. Повелбата ќе се применува на територијата или на териториите наведени во изјавата од претходниот став почнувајќи од триесетиот ден по датумот на кој Генералниот секретар ќе ја прими нотификацијата на оваа изјава.
4. Секоја Страна-договорничка може, во секој момент потоа, со нотификација упатена до Генералниот секретар на Советот на Европа, да изјави дека, што се однесува до еден или повеќе територии на кои се применува Повелбата согласно став 2 од овој член, таа го прифаќа како задолжителен секој наброен член или став што се уште не го прифатила по однос на таа или тие територии. Овие дополнителни обврски ќе се сметаат како интегрален дел на првичната изјава во однос на територијата за која станува збор и ќе ги имаат истите ефекти почнувајќи од триесетиот ден по датумот на нотификацијата.
5. Генералниот секретар ќе им ја достави на другите влади потписнички и на Генералниот директор на Меѓународното биро на трудот секоја нотификација што ќе му биде доставена согласно овој член.
Член 35
Потпишување, ратификација, стапување на сила
1. Оваа Повелба е отворена за потпишување од членките на Советот на Европа. Таа ќе биде ратификувана или одобрена. Инструментите за ратификација или за одобрување ќе бидат депонирани кај Генералниот секретар.
2. Оваа Повелба стапува во сила триесетиот ден по датумот на депонирањето на петтиот инструмент за ратификација или одобрување.
3. За секој потписник кој ќе ја ратификува подоцна, Повелбата стапува на сила триесетиот ден по датумот на депонирањето на нејзиниот инструмент за ратификација или подобрување.
4. Генералниот секретар ќе ги извести сите членки на Советот на Европа и Генералниот директор на Меѓународното биро на трудот за стапување во сила на Повелбата, за имињата на страните-договорнички кои ја ратификувале или прифатиле и за депонирањето на секој инструмент за ратификација или одобрување извршено дополнително.
Член 36
Амандмани
Секој член на Советот на Европа може да предложи амандамни кон оваа Повелба со обраќање до Генералниот секретар на Советот на Европа. Генералниот секретар ќе им ги достави на другите членки на Советот на Европа така предложените амандмани. Тие ќе бидат разгледани од Советот на министрите и доставени до Советодавното собрание заради добивање мислење. Секој амадман прифатен од Советот на министрите ќе стапи на сила триесетиот ден сметано од денот кога сите Страни-договорнички ќе го известат Генералниот секретар за неговото прифаќање. Генералниот секретар ќе ги извести сите држави членки на Советот на Европа и Директорот на Меѓународното биро на трудот за стапување на сила овие амандмани.
Член 37
Откажување
1. Ниту една Страна-договорничка не може да ја откаже оваа Повелба пред истекот на периодот од пет години сметано од датумот на кој Повелбата стапила на сила за таа Страна, или пред истекот од секој друг дополнителен период од две години, а во секој случај, по истекот на шестмесечен отказен рок за кој ќе го извести Генералниот секретар на Советот на Европа, кој за оваа ќе ги информира другите Страни-договорнички и директорот на Меѓународното биро на трудот. Оваа откажување не влијае на важноста на Повелбата во однос на другите Страни-договорнички, под услов нивниот број никогаш да не биде под пет.
2. Секоја Страна-договорничка може, согласно одредбите од претходниот став, да ја откаже примената на секој член или став од делот II од Повелбата што ги прифатила, под услов бројот на членовите или ставовите со кои оваа Страна-договорничка е обврзана да не биде никогаш помал од 10 во првиот случај и од 45 вториот, а бројот на членовите или ставовите да ги содржи членовите избрани од Страната-договорничика меѓу оние кои посебно се наведени во членот 20, став 1 алинеја б.
3. Секоја Страна-договорничка може да ја откаже оваа Повелба или секој член или став од делот II од Повелбата согласно условите предвидени во став 1 од овој член, за секоја територија на која се применува Повелбата, врз основа на изјава дадена согласно став 2, член 34.
Член 38
Анекс
Анексот кон оваа Повелба претставува нејзин составен дел.
Врз основа на што, потписниците, овластени за тоа, ја потпишаа оваа Повелба.
Во Торино, на 18 октомври 1961 година, на француски и на англиски јазик, со тоа што обата текста се еднакво веродостојни, во еден единствен примерок што ќе биде депониран во архивите на Советот на Европа. Генералниот секретар на Европа ќе им достави заверена копија на сите потписнички.
АНЕКС КОН СОЦИЈАЛНАТА ПОВЕЛБА
Досегот на Социјалната повелба во поглед на интересите на заштитените лица:
1. Без да бидат повредени одредбите на член 12, став 4 и член 13 став 4, за лица опфатени во членовите од 1 до 17 се сметааат и странците само доколку се државјани на другите Страни-договорнички и доколку легално претстојуваат и работат на територијата на заинтересираната Страна-договорничка, при што се разбира дека наведените членови треба да се толкуваат во смисла на одредбите од членовите 18 и 19.
Ова толкување не го исклучува проширувањето на слични права на други лица од која и да е Страна-договорничка.
2. Секоја Страна-договрничка на бегалците кои се опфатени со дефиницијата од Женевската конвенција од 28 јули 1951 година, што се однесува на статусот на бегалците кои регулирано престојуваат на нејзината територија, ќе им даде што е можно по поволен третман, а во секој случај не помалку поволен од оној на кој таа е обрзана согласно Конвенцијата од 1951 година, како и согласно сите други постојни меѓународни договори кои што се применуваат на погоре споменатите бегалци.
ДЕЛ I и ДЕЛ II
Точка 18 Член 18, став 1
Се разбира дека овие одредби не се однесуваат на влегувањето на територијата на Страните-договорнички и со нив не се врши повреда на одредбите од Европската конвенција за движење и престој на странци, потпишана во Париз на 13 декември 1995 година.
ДЕЛ III
Член 1, став 2
Оваа одредба не би можела да се толкува ниту во смисла дека ги забранува ниту дека ги дозволува условите или практиката на синдикалното осигурување.
Член 4, став 4
Оваа одредба ќе биде толкувана во смисла дека не се забранува моментално отпуштање во случај на тешка повреда на работните обврски.
Член 4, став 5
Се разбира дека секоја Страна-договорничка може да преземе обврска согласно овој став доколку задршките од платите се забранети за најголемиот број работници, или со закон или со колективен договор или арбитражна одлука, а единствени исклучоци се лицата кои не се опфатени во тие инструменти.
Член 6, став 4
Се разбира дека секоја Страна-договорничка може за себе со Закон да го уреди користењето на правото на штрајк, под услов секое друго евентуално ограничување на ова право да може да биде оправдано врз основа на членот 31.
Член 7, став 8
Се смета дека Страната-договорничка ја исполнила обврската предвидена во овој став, ако во согласност со духот на таа обврска предвиди во своето законодавство дека големо мнозинство малолетници до 18 години нема да бидат вработувани на ноќна работа.
Член 12, став 4
Зборовите “и под услови предивдени во тие договори”, што се наведени во уводот на овој став, значат дека за помошта која не зависи од системот на давачки, Страната-договорничка може да бара протек на одреден период на престој пред да ја одобри помошта на државјаните на другите Страни-договорнички.
Член 13, став 4
Владите кои не се Страни на Европската конференција за социјална и здравствена помош можат да ја ратификуваат Социјалната повелба, во однос на овој став, под резерва да им дадат на државјаните на другите Страни-договорнички третман кој е во согласност со одредбите на споменатата Конвенција.
Член 19, став 6
За примена на оваа одредба, поимите “семејство на работникот мигрант” се толкуваат така што ги подразбираат најмалку сопругата на работникот и неговите деца помлади од 21 година кои ги издржува.
ДЕЛ IV
Се разбира дека Повелбата содржи правни обврски од меѓународен карактер чија што примена подлежи само на контролата предвидена во делот ИВ .
Член 20, став 1
Се разбира дека под “наброени ставови” може да се сфатат членовите кои содржат само еден став.
ДЕЛ V
Член 30
Поимите “во случај на војна или во случај на друга јавна опасност” се толкуваат така што ја покриваат и заканата од војна.